Оваа година Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола одбележува 20 години постоење. Тоа е регионално географско друштво на наставници и професори кои го предаваат наставниот предмет географија во основни и средни училишта во регионот на градовите Битола, Ресен и Демир Хисар, и руралните општини Новаци и Могила. Ова здружение на граѓани е формирано во 2006 година.
РГД „Геосфера“, всушност е продолжение на сите четири претходни форми на здружување на наставниците по географија во Битола и пошироко, од 1956 до 2006 година, значи цели 70 години, и тоа започнувајќи од: „Прва географска секција“ (1956-1968), преку „Регионална географска секција“ (1969-1977), па „Географско здружение на Општина Битола и Демир Хисар“ (1977-1983) до „Здружение на географичари“ (1983-2005).
РГД „Геосфера“ од основањето (2006) и активно соработува со Македонско географско друштво – Скопје (формирано 1949 година). Во почетокот „Геосфера“ регистрира над 50 активни членови а денес брои околу 30 редовни членови и дваесеттина пензионирани наставници и професори по географија.
Прв претседател на РГД „Геосфера“ (2006-2010) бил проф. д-р Никола В. Димитров, кој во тоа време бил советник по географија во Биро за развој на образованието ПЕ Битола, а потпретседател бил проф. Мите Ристов. Од 2010 година претседател на РГД „Геосфера“ е м-р Мите Ристов, професор по географија во СОУ Гимназија “Јосип Броз – Тито“ – Битола, а потпретседател е м-р Гордана Бошковска Богоевска, професор по географија во ООУ “Тодор Ангелевски” – Битола.
Главни активности на друштвото се: организирање на едукативни предавања, семинари, обуки, реализација на нагледни наставни часови за членовите, учество на локални, регионални, национални и меѓународни проекти, панел дискусии, форуми, јавни настапи, изјави за медиуми, волонтерски и хумани акции и сл. Друга значајна активност на здружението е организирање и реализирање на повеќе ученички општински, регионални и еден национален натпревар по географија (2010) на кои учествуваат голем број ученици и ментори – наставници и професори по географија.
Во текот на своето дваесетгодишно постоење друштвото за членовите наставници и професори организирало и реализирало повеќе екскурзии и теренска настава на повеќе места во Македонија.
Голем број ученици од основни и средни училишта од регионот кој го покрива друштвото учествувале на натпревари по географија и освоиле многубројни награди. Голема заслуга за тоа имаат менторите наставници и професори по географија.
Членови на друштвото се учесници на национални и меѓународни симпозиуми, научни собири, конгреси и конференции во организација на Македонското географско друштво и Институтот за географија. Од вкупниот број членови, 8 колеги се носители на научни титули, и тоа доктори на географски науки (3) и магистри по географија и други науки (5).
Членови на друштвото публикувале научни, стручни и популарни трудови, монографски книги, учебници и др. Исто така, повеќе членови на РГД „Геосфера“ се добитници на разни награди, плакети, признанија и сертификати.
Во годината на јубилеј, РГД „Геосфера“ ќе организира неколку активност од јавен карактер со цел запознавање на битолската јавност со работата на здружението.
Повеќе информации за РГД „Геосфера“ може да се најдат на веб страната:
https://geosfera.weebly.com
проф. д-р Никола Димитров