
На 25 јуни 2026 година, на 73-годишна возраст, почина проф. д-р Никола Панов, редовен професор во пензија на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, поранешен раководител на Институтот и долгогодишен претседател на Македонското географско друштво. Со неговото заминување македонската географска наука изгуби еден од втемелувачите на современите проучувања на туризмот, посветен универзитетски професор и активен општествен деец.
Никола Панов е роден на 17 август 1952 година во Скопје, каде што ги завршил основното и средното образование. Дипломирал во 1978 година на Географскиот факултет во Скопје, со дипломскиот труд „Водоснабдување на селата во сливното подрачје на реката Бабуна“. Својот работен век го започнал на Институтот за географија, каде што во 1983 година стапил во работен однос како помлад асистент.
Во 1988 година магистрирал на Природно-математичкиот факултет во Белград, со магистерскиот труд „Туристичка валоризација на вештачките езера во Република Македонија“, а во 1989 година бил избран за асистент. Во 1994 година докторирал на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, со дисертацијата „Комплексни проучувања на резиденцијалниот туризам во Република Македонија“. Во 1995 година бил избран за доцент, во 2000 година за вонреден професор, а во 2005 година за редовен професор.
Во фокусот на неговите научни истражувања беше социоекономската географија, со акцент на туризмологијата и демографските процеси. Објави голем број научни и стручни трудови на македонски, српски и англиски јазик, во кои ги разработуваше прашањата за руралниот, планинскиот, спортскиот и винскиот туризам, валоризацијата на културното наследство, угостителството, одржливиот развој и демографијата.
Автор е на повеќе универзитетски учебници, меѓу кои „Основи на туризмот“ (2004), „Сообраќајна географија“ (2004, во коавторство со Р. Темјановски), „Географија на Европа“ (2007, со М. Талеска), „Туристичка географија“ (2008, со С. Штетиќ) и „Економика на туризмот“ (2012, со М. Талеска). Особено место во неговото творештво заземаат монографските и енциклопедиските изданија „Туристичка валоризација на манастирите во Република Македонија“ (1998), „Македонија земја на туризмот“ (2000), „Туристичка енциклопедија на Република Македонија“ (2001) и „САД“ (2002). Напиша и бројни учебници по географија за основното и средното образование.
Беше носител и учесник во низа научни и апликативни проекти, како што се „Комплексни географски проучувања на поречијата на Бабуна и Тополка“ (2011–2013), „Туристичка карта на Република Македонија“, „Национални паркови Пелистер и Галичица“ и „Потенцијални можности за развој на Козјачијата и Средорек“. Раководеше со истражувањата за улогата на туризмот во ревитализацијата и запирањето на депопулацијата во руралните средини во западниот дел на земјата, а беше и координатор на проектот „Зачувување на Охридското Езеро“ и главен консултант во проектот „Осоговијата – еко регион“. Неговата заложба за заштита на водните ресурси особено дојде до израз преку координацијата на проектот „Спас на Дојранското Езеро“ и објавувањето на книгата „Спасот на Дојранското езеро, вистината за проектот ‚Ѓавачко поле‘“ (2004).
Предаваше на сите три циклуси на студии, несебично пренесувајќи им го на студентите своето богато знаење и теренско искуство. Менторираше над дваесет магистранти и докторанди и повеќе од сто дипломци, кои денес како професори, туризмолози и општествени чинители го продолжуваат неговото дело.
Паралелно со наставата и истражувањата, проф. Панов извршуваше и одговорни раководни функции: беше раководител на Институтот за географија и продекан за финансии на Природно-математичкиот факултет. Надвор од Универзитетот беше државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, претседател на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) и претседател на Туристичкиот сојуз на град Скопје. На меѓународен план беше инструктор по екологија во Светската мотоциклистичка федерација (FIM), член на Комисијата за туризам при Светската автомобилистичка федерација (FIA) и претставник на Република Македонија на Осмата сесија на Комисијата за одржлив развој на ОН во Њујорк (2000).
Особено значаен белег остави во Македонското географско друштво, кое го предводеше како претседател во два мандата, од 1998 до 2007 година. Остана верен член и поддржувач на Друштвото до крајот на животот. Во списанието „Географски разгледи“ објави трудови посветени на туризмот и животната средина (2001) и на одржливиот развој и туризмот (2002), како и коавторски труд за влијанието на политичко-економските прилики врз туризмот во балканските држави (2004).
За својата работа доби бројни општествени и стручни признанија. Беше прв добитник на наградата „Св. Кирил и Методиј“ на истоимениот универзитет во Скопје, која му беше доделена за врвни остварувања во наставно-образовната дејност и за исклучителен придонес во развојот и афирмацијата на Универзитетот. Општина Кисела Вода и Дојран го прогласија за свој почесен граѓанин.
Покрај по своите академски и општествени постигнувања, проф. д-р Никола Панов ќе остане запаметен и како семеен и традиционален човек, искрен пријател и посветен ментор. Неговиот научен и човечки траг останува трајно врежан во македонската географија и во сеќавањата на сите генерации што имаа чест да учат и да соработуваат со него.
Нека му е вечна слава!
Проф. д-р Христина Димеска Трајковa